Skip to content Skip to footer

На 29 Август се одржа средба меѓу кандидатката за градоначалник на Град Скопје, г-ѓа Каја Шукова, граѓаните–учесници на првото Граѓанско климатско собрание на Скопје и претставниците на ЗИП Институт – граѓанска организација од Скопје и организатор на оваа прва иницијатива од ваков вид во земјава. Средбата е дел од низата состаноци што ЗИП Институт ги организира со кандидатите за градоначалник на Скопје, во соработка со граѓаните, со цел да се обезбеди инклузивен и транспарентен процес кој ќе резултира со политики засновани врз реалните потреби и приоритети на жителите на градот.

На состанокот граѓаните ги презентираа и дискутираа клучните препораки кои произлегоа од самото Собрание, а кои се фокусираат на еден од најитните и најсериозни предизвици со кои се соочува градот – загадувањето на воздухот.

Анализите и акциските планови покажуваат дека аерозагадувањето во Скопскиот регион е системски проблем со повеќеслојни извори, чиј надминувaње бара храбри политички одлуки, интерсекторска координација и долгорочна визија.Во таа насока беа нагласени неколку приоритетни сектори за итна интервенција:

  • греењето во домаќинствата,
  • патниот сообраќај,
  • индустријата и управувањето со отпад,
  • енергетската ефикасност и
  • урбанистичкото планирање.

Клучни стратешки приоритети:

1. Воведување еколошки начини на греење

Греењето со дрва, јаглен и отпадни материјали создава високи емисии на ПМ честички. Потребно е воведување забрана за вакво греење во подрачја каде е достапно централното греење, обезбедување субвенции за замена на старите печки со енергетски поефикасни уреди и засилени инспекциски контроли, придружени со информативни кампањи.

2. Транзиција кон одржлив урбан транспорт

Сообраќајот е еден од најголемите извори на загадување. Неопходно е воспоставување зони со ниски емисии, ограничување на движењето на товарни возила во централното градско подрачје, модернизација на јавниот превоз со нискоемисиони возила, како и системско унапредување на велосипедската и пешачката инфраструктура.

3. Интегрирано енергетско и урбанистичко планирање

Секоја нова населба мора да биде проектирана според принципите на енергетска ефикасност. Тоа подразбира задолжително приклучување на новите згради кон централниот систем за греење, интеграција на обновливи извори на енергија и предвидување на „зелена“ инфраструктура уште во фазата на планирање.

4. Модернизација на системите за управување со отпад

Потребно е поинтензивно и автоматизирано чистење на улиците и јавните површини, построга контрола врз индустриските постројки, забрана за нелегално согорување отпад и поттикнување на индустријата за примена на најдобро достапни технологии.

5. Засилување на мониторингот и транспарентноста

Континуираното следење на квалитетот на воздухот според европските стандарди, со достапни податоци во реално време, е од круцијално значење. Паралелно, неопходно е редовно информирање на граѓаните за ризиците од загадување и за можните превентивни мерки.