Skip to content Skip to footer
Добредојдени се сите искуства и идеи кои ќе придонесат за искористување на економските капацитети на Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Агим Селами, извршен директор на Институтот ЗИП, во чија придружба беа и проект координаторката на институтот Јована Перовска и д-р Калман Мижеи, поранешен дипломат и економист од Република Унгарија.

Претставниците на ЗИП Институтот го информираа премиерот Заев за нивните потенцијали и експертиза, особено во сферата на неформалното образование, првенствено кај младите луѓе, како и во реформите во јавната администрација и локалната самоуправа со цел подобрување на демократските процеси и придонес во креирањето политики.

– Како Влада сме отворени за сите иницијативи, истражувања и проекти кои ќе помогнат во искористување на економските капацитети и ќе овозможат отворање на нови работни места во државата – рече премиерот Заев на средбата.

На средбата се разговараше за важноста од поврзување на регионот и за отворање соработка меѓу земјите во клучни области, како придонес за економски развој, што е основа и за справување со заедничките безбедносни предизвици и европски перспективи.